Ана Каренина хероина и на нашето време

04.04.2025
 НЕЗАВИСНА Е И СЕ ПОБУНУВА ПРОТИВ ОПШТЕСТВЕНИТЕ НОРМИ. Ана Каренина не само во своите мисли, туку и со своите постапки оди против општоприфатените правила кои ја потиснуваат женската слобода. Таа почнува љубовна врска со Алексеј Вронски, со што решава да го следи своето срце, да се спротистави на строгите морални стеги и да ја отфрли традиционалната улога на жената како верна сопруга и мајка.ЈА ПЛАЌА ЦЕНАТА НА СЕОПШТАТА ИЗОЛАЦИЈА И СТИГМАТИЗАЦИЈА. Кога Ана Каренина се откажува од следење на нормите, знае дека ќе се соочи со осуда и отфрлање од општествените кругови на кои им припаѓа. Нејзината борба за љубов и лична среќа е силна феминистичка порака за борбата за женската независност и покрај целата сила на традицијата и жестокоста на критиките и осудата.
 АНА КАРЕНИНА Е КРИТИКА НА ПАТРИЈАРХАТОТ. Толстој преку ликот на Ана Каренина ја осудува хипокризијата на патријархалното општество, за кое е прифатливо да ги гледа мажите во слични ситуации, но кога ќе види жена што себеси и својата лична среќа ги става пред сопругот и семејството, ја дискриминира и понижува. Пример за тоа се и самиот Вронски, па и Каренин, на кои општеството им дава повеќе слобода само затоа што се мажи – едниот има љубовна авантура со мажена жена, другиот е маж кој има несовршен брак, а и двајцата не го доживуваат истото ниво на осуда кое го претрпува Ана.
 АНА Е ЖЕНСКИ ПОГЛЕД НА СРЕЌАТА И ЉУБОВТА. Ана Каренина сама против сите се бори да го најде своето место во свет во кој женската среќа е ограничена на семејството и бракот. Нејзината потрага по љубов и по лична исполнетост ја прави симбол на женската независност при изборот на својот животен пат. Проблемите што ги доживува таа во оваа потрага по личната среќа се слични на проблемите што ги имаат и денешните жени кои се залагаат за еманципација и самостојност – своја и на сите други жени.
И покрај тоа што животот на Ана Каренина завршува трагично, таа останува синоним за силна жена која ја води својата борба против прангите на патријархатот наменети да ја држат жената онаму „каде што ѝ е местото“. Затоа, Ана Каренина е една голема феминистичка хероина која повикува на продолжување на борбата за личната слобода, љубовта и самостојноста на жените.
Наташа Атанасова