Ема Бовари хероина растргната меѓу соништата и реалноста

04.04.2025
Ема Бовари, главната хероина во романот „Госпоѓа Бовари“ од Гистав Флобер е хероина чии дејствија, желби и размислувања го отсликуваат отпорот кон општествените и брачните очекувања за жените во тоа време. Она што Ема Бовари ја прави хероина и на нашето време е:
ЖЕЛБАТА ЗА СЛОБОДА. Ема има силен внатрешен порив за слобода, независност и самоостварување. Нејзиното незадоволство од традиционалната улога на сопруга и мајка во рамки на бракот ја тера да бара љубовни и материјални задоволства кои не може да ги добие на друг начин во тогашниот општествен поредок.
ГЛЕДАЊЕ НА БРАКОТ КАКО ЗАТВОР. Во брачната институција, Ема се чувствува заробено. Таа не е задоволна од тоа што го добива во бракот со селскиот лекар Шарл Бовари, кој не може да ги исполни нејзините идеализирани претстави за љубовта и животот. Низ нејзината незадоволност и бунт, може да се прочита критика на бракот како институција која ги потиснува жените и ги ограничува нивните можности за самореализација само и само во рамки на домот и семејството.
 ОТФРЛАЊЕ НА ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ УЛОГИ НА ЖЕНАТА. Ема не ги прифаќа здраво за готово традиционалните женски улоги кои ѝ се наметнати. Таа се бори против општествените норми кои ја дефинираат само како сопруга и мајка. Наместо тоа, таа се препушта на живеење на своите романтични фантазии, иако тоа ја води кон автодеструкција.
 НЕЗАДОВОЛСТВО ОД СТАТУСОТ НА ЖЕНАТА ВО ОПШТЕСТВОТО. Иако Ема не се бори активно против општествените услови, нејзиното однесување и пристапот кон животот го отсликуваат она што може да се смета за првично феминистичко незадоволство: жената не се гледа само како жртва на социјални ограничувања, туку како индивидуа која се бори за своето право на среќа, иако во нејзиниот случај тоа води до трагичен исход.
Славниот лик на Ема Бовари и ден-денес поставува прашања за улогата на жената во општеството и нејзиниот пркос, нејзината желба да ја приграби слободата онака како што самата таа ја замислува, спротиставувајќи се на патријархалните структури и на општествениот притисок врз жените.
Наташа Атанасова