Јуридизација на медицината – реален страв за лекарска грешка

Јуридизација на медицината – реален страв за лекарска грешка

Автор: м-р Габриела Гајдова

Издавач: ПОЛИЦА
Број на страници: 130
Година на издание: 2022

300,00МКД

Безбедно плаќање
Сигурна испорака

Должност на секоја држава е да го заштитува правото на живот, а една од мерките што треба да се преземат за заштита на животот е здравствената заштита. Ова го актуализира прашањето за постапувањето на лекарите и ризикот од настанувањето на лекарските грешки во текот на лекувањето.

Перцепцијата на јавноста за лекарската грешка честопати е погрешна. Многу несреќни случаи јавноста ги квалификува како лекарска грешка. Имајќи предвид дека медицината не е семоќна, нереални се очекувањата на пациентите дека преземеното лекување во секој случај ќе има поволен исход за нивното здравје, па поради тоа, разочарани од исходот на лекувањето, пациентите често се жалат на „лекарска грешка“. Се случува лекарот да ги преземе сите мерки, а сепак да настанат штетни последици по здравјето на пациентот, кои лекарот не можел да ги предвиди, бидејќи настанале неочекувано и не го следеле вообичаениот тек на настаните. Дали и тогаш станува збор за лекарска грешка или тоа може да се дефинира како несреќен случај?

Медицината признава дека лекарите и најсовремените медицински центри може да згрешат и при поставување на дијагнозата и при терапевтскиот третман. Но, зад овие ставови, секако дека не може да се затскрива секое несовесно однесување на лекарите. Затоа треба да се постават критериуми што ќе дадат одговор на прашањето за тоа што се смета лекарска грешка. Сето горенаведено резултира со потребата појасно да се дефинира поимот „лекарска грешка“ и околностите кога таа има обележја на казнено дело.

Одговорот на сите претходно наведени прашања не е едноставен, туку е многу сложен и многу значаен. Состојбата уште повеќе се усложнува поради тоа што не постојат многу истражувања на оваа тема. Медицинското казнено право е релативно нова наука и нема богата судска практика во која може да се најде одговорот на сите наведени прашања.

Лекарската грешка е тема што бара интердисциплинарен пристап, па оттука, со овој труд ќе се обидеме да дадеме одговор на дел од поставените прашања и дилеми во врска со казненоправниот аспект на лекарската грешка.